Tuesday, October 21, 2008

WEB QUEST- интегрирани содржини - информатика и математика

Оддeление _6 Предвидено време_1 час_, Содржина_ Аритметичка средина и Ранг на податоци, Тема: Работа со податоци, Предмет: Математика, Наставник: Славица Карбева

            Нашата македонската кошаркарска репрезентација обезбеди место на завршницата на ЕП во Полска 2009 година како победник во својата група и овој успех на македонските кошаркари може со право да влезе во современата историја на македонскиот спорт.

 Имено, за првпат во историјата на самостојна Македонија (на репрезентативен кошаркарски план се натпреваруваме од 1993 година), нашата репрезентација завршува на 1 место во групата на крајот на едни елитни европски квалификации. Покрај тоа, нашите кошаркари, се првата машка сениорска репрезентација, во кој било спорт, која по вторпат ќе настапи на едно ЕП.

Македонија е победник во групата B, но колкави се нашите шанси со победниците од другите групи?
Дали можат нашите Стефанов, Илиевски, Гечевски да им се спротивстават?

Дознајте и како може да добиете оригинален дрес на кошаркарската репрезентација на Македонија.
ЗАДАЧИ

  1. Пресметајте ја  просечната вредност на висината на играчите од  победничките екипи од сите четири групи поодделно, на тој начин што ќе ги соберете висините на сите играчи од екипата и ќе ги поделите со вкупниот број на играчи чии висини се земени. Добиената вредност означете ја со аритметичка средина;
  2. Пресметајте го просечниот број на погодоци (аритметичката средина) во квалификационите натпревари за секоја од победничките екипи во својата група;
  3. Пресметајте ја  разликата помеѓу највисокиот и најнискиот играч во секоја од победничките репрезентации и означете ја со ранг;
  4. Претставете ги добиените резултати графички со столбест дијаграм;
  5. Врз основа на извршените пресметки и нивна споредба искажете ги вашите ставови за шансите на нашата екипа.
РЕСУРСИ






ПРОЦЕС


  1. Дознајте од дадените табели со резултати, освен Македонија, која е победник во групата B , кои се победниците од групите A,C и  D?
  2. Пресметките направете ги во Calc со помош на функциите Просек, Mинимум и Максимум, кои може да се извадат од менито Инсерт од Листата на функции.
  3. При пресметките на аритметичката средина, земете ги во предвид играчите означени со броевите од 4 до 15.
  4. Просечниот број на погодоци лоцирајте го од добиените резултати од шесте одиграни натпревари во групата во делот -Team Schedule;
  5. Откако ќе ги направите потребните пресметки,  графички претставете ги на компјутерот на наставникот, споредете ги  и прокоментирајте ги;
  6. Како резултат на успешно завршената работа од наставникот ќе добиете линк, преку кој  ќе се информирате за можноста да добиете оригинален дрес на кошаркарската репрезентација на Македонија.
ЗАКЛУЧОК

-          Преку овој WebQuest ќе се оспособите да идентификувате податоци од табела, да одредувате аритметичка средина и ранг на податоци и истите да ги претставувате графички преку столбест дијаграм. Притоа ќе можете да ги искористите можностите на Calc за да ја дадете прогнозата за нашата екипа.


Оддeление _5_  Предвидено време__1 час_ Содржина_ Прости и сложени броеви
Тема: Природни броеви, Предмет: Математика, Наставник: Славица Карбева
           
  Пред извесно време еден ученик на часот по математика ме праша кои биле тие ПРОСТИ БРОЕВИ,  што ги сретнал во некоја задача. Меѓутоа пред да успеам да му одговорам, друг ученик му се изнасмеа со зборовите: Де бре, простите броеви да не ги знаеш?

Кога го прашав -  А кој се простите  броеви?

Ми одговори како од пушка: па се знае 1,2,3,4 5,6,7,8 и 9.
Ајде да откриеме дали тој бил во право и дали со право му се изнасмеал на својот соученик или пак сите ние треба да му се изнасмееме нему?

ЗАДАЧИ
  1. Во празен работен лист во Calc внесете ги природните броеви од 1 до 100, по десет во ред;
  2. Обојте ги со жолто сите полиња во кои се наоѓаат броевите што се деливи со 2 (започнувајќи од 4) и обојте ги со портокалово сите полиња во кои се наоѓаат броевите што се деливи со 3 (започнувајќи од 6);
  3. Продолжете со боење на следниот начин: со црвено сите полиња во кои се наоѓаат броевите што се деливи со 5 (започнувајќи од 10); со сино сите полиња во кои се наоѓаат броевите што се деливи со 7 (започнувајќи од 14); и со зелено сите полиња во кои се наоѓаат бровите што се деливи со 11 (започнувајќи од 22);
  4. Броевите кои ќе ви останат необоени препишете ги настрана и означете ги како прости броеви, а сите броевите во обоените полиња ќе ги нарекуваме сложени броеви. Која е разликата помеѓу простите и сложените броеви?
  5. Избери еден од сложените броеви и запиши го како производ само од прости броеви;
  6. Истата постапка запиши ја во тетратката т.ш. десно од бројот ќе поставиш вертикална црта и делителите ќе ги запишуваш десно од цртата, а количникот што се добива лево од неа
( види во учебникот) се додека не дојдеш до 1.
  1. И конечно, утврдете дали нашиот ученик бил во право?

РЕСУРСИ



учебник по математика за 5 одделение
ПРОЦЕС

  1. Броевите внесете ги редоследно;
  2. Можете да ја искористете ја можноста на Calc автоматски да внесува податоци со влечење;
  3. За одредување на броевите кои се деливи со некој број, можете да се користите со нивно последователно броење и означување;
  4. Изведете заклучок дали вашите резултати се совпаѓаат со искажувањето на ученикот и истиот пратете го заедно со работниот лист на nastavnik@gmail.com

ЗАКЛУЧОК
-          По завршените задачи ќе умеете да ги разликувате простите од сложените броеви и ќе ја научите постапка за одредување на простите броеви и разложување на природен број на прости множители. Ќе го користите програмот Calc за полесно да ги воочите вашите заклучоци и да одговорите на поставеното прашање.


Tuesday, October 14, 2008

WEB QUEST- интегрирани содржини - информатика и физика


Оддeление _8_  Предвидено време_1 час_, Содржина_ Нуклеарна енергија, Нуклеарна централа Тема: Атомска физика, Наставник: Славица Карбева
         
На вестите постојано се зборува за изградбата на Нуклеарните централи во Белане- Бугарија и Албанија. Тие како први соседи ни нудат можност да ја снабдуваат нашава држава со енергија.  И тоа нуклеарна енергија, која во оваа енергетска криза е многу потребна.
           Но разбрав дека и ние во Македонија имаме шанси  да понудиме нешто многу вредно за добивање на нуклеарна енергија – неутиното од Алшар.
 Истражував и открив дека Алшар е рудник кој се наоѓа во Mариовско на планината Кожув, рудник којшто е единственото место на планетава каде што е пронајден минералот лорандит, минерал со својство да го задржува неутриното, честица којашто ништо друго во оној за нас познат универзум не може да ја задржи, освен лорандитот.

Ајде да откриеме заедно за каква мистерија станува збор ?

ЗАДАЧИ

  1. Објаснете на  кој начин се добива Нуклеарната енергија?
  2. На кој начин функционираат Нуклеарните централи?
  3. Откријте што се прави со нуклеарниот отпад и дали е штетен за човекот и околината?
  4. Откријте какво е значењето на неутриното од Алшар за нашата држава ?

РЕСУРСИ
Учебник по физика за 8 одд.

ПРОЦЕС


  1. Побарајте ги соодветните податоци од понудените ресурси;
  2. Изработете брошура во Writer во која ќе ги претставите добиените резултати  и  изведените заклучоци;
  3. Во брошурата како посебни рубрики ставете  ги - Нуклеарната енергија и Нуклеарните централи, Нуклеарниот отпад и Значењето на неутриното од Алшар;
  4. Добиената брошура испечатете ја во повеќе примероци и разделете ја помеѓу вас.

ЗАКЛУЧОК

-          Преку овој WebQuest ќе стекнете знаења за начинот на добивање на Нуклеарната енергија во Нуклеарните централи. Ќе ве поттикне критички да размислувате за депонирањето на нуклеарниот отпад и ќе го откриете значењето на неутриното за нашата држава.
Притоа, ќе можете да  ги искористите можностите на Writer за да ја уредите брошурата во која ќе ги сместите  сите потребни податоци и да ја испечатите истата.







Оддeление _7_  Предвидено време_1 час_, Содржина_ Температура, мерење на температурата, Тема: Внатрешна енергија,  Наставник: Славица Карбева
        
  Денес добивме писмо од Хидрометеоролошкиот завод, во кое тие ни соопштија дека сакаат во нашето училиште да постават станица за мерење на температурата. Всушност прават избор во кое од училиштата од овој регион да го направат тоа. 
Тие сакаат да ја постават во училиште за да можат да Ве ангажираат Вас учениците  да се грижите за неа и за се што е поврзано со вчитувањето на измерените податоци.
За возврат тие се спремни да Ви помогнат со вашата најприоритетна потреба во училиштето која до сега не сте  можеле да ја реализирате.
За да можат да го направат изборот на училиштето, тие до нас како и до другите училишта од регионов испратија предизвик-задача, преку која ќе ги увидат вашите познавања за мерењето на температурата.
И уште ни порачаа дека веруваат дека во нашето училиште учат ученици кои се способни да одговорат на предизвикот.
Ајде да им покажеме дека биле во право!
ЗАДАЧИ
1.      За да можете да ја  мерите температурата, потребно е точно да ја одредите единицата мерка во која ја мериме ние во секојдневниот живот?
2.      Побарајте информации и за единицата мерка која е наведена во SI системот , како втора единица мерка,  во која се мери температурата,  и откријте ја релацијата помеѓу овие две единици мерки ?
3.      Објаснете ја градбата на термометарот, а потоа со негова помош измерете ја температурата на водата од чешма;
4.      Со помош на топломер измерете ја сопствената температура;
5.      Од  добиените податоци составете табела во која внесените температури од степени Целзиусови ќе ги претворите во Келвини;
6.      Најдете ја прогнозата за температурите кои ќе следат во текот на утрешниот ден? Какво време не очекува?
РЕСУРСИ







Учебник по физика за седмо одделение
Топломер
термометар
ПРОЦЕС
  1. За да ги најдете бараните податоци , проверете ги посочените извори;
  2. Сите податоци и пресметки внесете ги во Calc работен лист;
  3. Добиените вредности за температурата од извршените мерења внесете ги во работниот лист;
  4. Пронајдете го соодносот на Келвинот (К) и Целзиусовиот степен (°С) и во Calc претставете го со формула;
  5. Кога ќе завршиш со претходните задачи провери го  последниот наведен ресурс кој нуди интересни занимливости за температурните вредности;
  6. Завршениот работен лист испратете го на nastavnik@gmail.com.
ЗАКЛУЧОК
           
- Преку овој Webquest ќе можете практично да мерите температура на тела со термометар  и ќе стекнете знаења како измерената температура од степени Целзиусови да ја претворите во Келвини и обратно.  Ќе ја определите временската прогноза за еден ден, а истата локација можете да ја користите секојдневно во проверката на времето пред планираните активности.

Tuesday, May 27, 2008

WEB QUEST- интергрирани содржини - информатика, хемија и биологија


Оддeление _8_  Предвидено време_1 час_, Содржина_ Нафтата како гориво и суровина за добивање  на органски соединенија, Тема : Нафта, Наставник: Славица Карбева

        Оваа недела ми понудија да купам кола. Фиат пунто, 4 години возена, гаражирана и зачувана и од внатре и од надвор, со серво волан, централна брава, аларм, алуминиумски бандаши, нови гуми, кодиран клуч, неоштетена, регистрирана  цела година и по поволна цена.
Меѓутоа, денес дознав дека колата била дизел, на нафта, а не на бензин.
Сега ме буни ова со нафтата.  Црното злато, како што ја нарекуваат, на која цената и е постојано променлива.
И сега се двоумам, дали да ја купам.
Сакам да дознаам нешто повеќе за нафтата за да можам да се одлучам. Која е разликата помеѓу неа и бензинот ? Дали е подобро бензинец или дизел возило?
Сметам на вашата помош!

ЗАДАЧИ

Многу би ми помогнале ако:

1.                   Покрај тоа што е познато дека бензинот се добива од нафтата, определeте ги неговите основни својства? 
2.                             Ми појасните што е тоа октански број ?
3.                             Која индустрија се нарекува  петрохемиска ?
4.                   Како се движи цената на нафтата во последниве триесет години и зошто ја нарекуваат црно злато?
5.                             Какви се резервите на нафта во светот?
6.                             Дали можеш да предвидиш како ќе се движи цената на нафтата во иднина?
7.                             Која е предноста на колите што се возат на бензин во однос на оние кои се дизел?

РЕСУРСИ

учебник  по Хемија за 8 одделение






ПРОЦЕС
  1. Користете ги посочените веб ресурси;
  2. Изработи презентација во Impress во која ќе ги претставиш добиените заклучоци од зададените задачи;
  3. Твоето мислење за 7-мата задача, напиши го по пронаоѓањето на податоците од 4,5 и 6-тата задача;
  4. Сите најдени информации за претходно спомнатите задачи смести ги во презентација и заврши ја со твоето мислење-Дали треба да ја купам колата?, и испрати  ја на nastavnik@gmail.com.

ЗАКЛУЧОК
-          Преку овој WebQuest ќе стекнете знаења за нафтата како гориво и суровина во петрохемиската индустрија и својствата на бензинот. Ќе ја споредите цената на нафтата и нејзините резерви  во различни временски периоди. Преку тимска работа ќе комбинирате два вида на ресурси и ќе изработите Impress презентација која понатаму ќе може да се користи како алатка за учење.





Оддeление _7_  Предвидено време__1 час_ , Содржина_ Кислород, наоѓање во природата и алотропски модификации, Тема: Воздух и вода, Наставник: Славица Карбева
          
         Водата од чешма најчесто мириса на хлор, затоа што така се прочистува. Во последно време приметив дека таа не мириса како претходно.
Се распрашав во прочистителната станица и ми рекоа дека повеќе не ја прочистувале со хлор, туку сега користеле кислород.  А водата и така содржи покрај двата атома на водород и еден атом на кислород, па сепак не се прочистува сама од себе.

Вас ви е добро познат составот на водата, затоа сметам дека токму Вие сте вистинските  кои можат  да го продолжат ова мое  истражување, да откријат каква улога има кислородот во случајов? И да дојдат до вистинските одговори?

Како може водата да се прочистува со кислород ?  

ЗАДАЧИ 

  1. Дека кислородот се наоѓа во водата знаеме, меѓутоа дали го има и на друго место? Набројте уште каде се се наоѓа тој во природата во слободна или сврзана состојба ?
  2. Во неколку зборови пробајте да опишете какво е значењето на кислородот за живиот свет?
  3. Откријте колку алотропски модификации на кислородот постојат, како се означуваат и  што е карактеристично за нив ?
  4. Кое е значењето на Озонот за човекот и воопшто за целата планета ?
  5. Дали нашите општини се соочуваат со проблеми при прочистување на водата  и дали може  Озонот да се користи за таа намена?
РЕСУРСИ






учебник по хемија за 7 одделение

ПРОЦЕС
  1. Посетете ги понудените локации за да дојдете до потребните информации
  2. Креирајте Impress презентација во која ќе ги претставите добиените податоци од зададените задачи
  3. Во неа вметнете соодветни слики
  4. Презентирајте ја направената презентација на крајот на часот и испратете ја по меил до претпријатието кое е одговорно за прочистување на водата во вашата општина и побарајте информација, дали таму се користи  Озонот за прочистување на водата?
ЗАКЛУЧОК
-          Овој WebQuest ќе Ви овозможи да го истражите наоѓањето на кислородот во природата, неговото значење и  да стекнете знаења за неговите алотропски модификации.
Ќе имате можност да ја искористите програма Impress, со чија помош ќе го создадете крајниот продукт – презентација која ќе даде одговор на прашањето - Дали водата може да се прочистува со кислород? И секако ќе можете вашите согледувања да ги презентирате пред пошироката заедница.


Оддeление _6_Предвидено време_2часа_, Содржина: Градба на растителна клетка
 Тема: Градба на растенијата, Наставник: Славица Карбева
          
 Вчера во училиштето ме пречекаа со лоши вести. Додека го чистеле кабинетот по Биологија, ненамерно го скршиле микроскопот.
А ние денес  требаше да го користиме и да набљудуваме растителни клетки со негова помош.
Ова беа навистина разочарувачки вести за мене. Си помислив – Како сега ќе ви ја објаснам градбата на клетката без да ја видите и да се уверите во тоа!
И кога помислив дека се е  загубено, најдов излез на интернет. На сајтот на ПЕП има  информации дека тие покрај другата опрема обезбедуваат и микроскопи за училиштата. Меѓутоа не ги даваат по случаен избор, туку на училишта во кои учениците имаат потреба за нив и покажуваат иницијатива за тоа.
Ние потреба имаме, ни фали уште иницијатива. Затоа уште денес можеме да ја покажеме со тоа што ќе изработиме шема на Растителната клетка, ќе ја испратиме во ПЕП и со тоа ќе покажеме дека имаме итна потреба од микроскоп!

ЗАДАЧИ
  1. Пронајди слика на растителна клетка (по можност црно бела) и ископирај ја во програма за цртање;
  2. Обој ги соодветно сите нејзини делови, откако претходно ќе разгледаш неколку растителни клетки;
  3. Обоената клетка ископирај ја во Writer документ;
  4. Побарај информации за клеточното јадро, означи  го на дадената клетка и напиши ја неговата улога;
  5. Повтори ја истата постапка за останатите делови на клетката: цитоплазмата, клеточната мембрана, митохондриите, клеточниот ѕид, пластидите, вакуолата и зрнцата со резервна храна;
  6. Готовата шема испечати ја или испрати на nastavnik@gmail.com.

РЕСУРСИ












ПРОЦЕС
  1. Пронајдената слика на растителна клетка ископирај  ја во програм за цртање;
  2. Деловите на клетката обои ги врз основа на неколкуте видови растителни клетки;
  3. Сите ресурси ти се поставени последователно во однос на задачите;
  4.  Провери ги понудените ресурси за да пронајдеш информации за составните делови на клетката;
  5. За повидливо да ги означиш составните делови на клетката искористи ги графичките елементи од Writer;
  6. По печатењето на шемата зачувај ја за наредната прилика кога ќе можеш да ја користиш при набљудувањето на растителни клетки под микроскоп и одредување на нивните составни делови.

ЗАКЛУЧОК
-          Овој WebQuest ќе Ви овозможи да стекнете знаења за формата и големината на растителната клетка и нејзините составни делови. Ќе изработите шема во Writer преку која ќе ги објасните функциите на секоја од органелите и творбите во состав на клетката.



Оддeление _8_  Предвидено време_1 час_, Содржина_ Градба и функција на срце и
крвните садови кај човекот, Тема : Пренесување на материите низ телесните течности,
Наставник: Славица Карбева
      
   Имам едно комшиче, кое многу сака да игра фудбал. Секогаш прво е излезено надвор и со душа чека да дојдат и другите деца, за да има со кого да игра. Постојано вежба да ја реди топката со нога без да му падне. Чека, чека и чека... се додека не стасаат другите и не започне натпреварот.
Но, само што ќе започне со игра, веднаш  го вика неговата мајка да си дојде дома.
Секогаш, ама баш секогаш, се повторува истата случка. По извесно време дознав зошто го прави тоа?   Детето имало шум на срцето и затоа не смеело да се заморува. Јас имам разбрано дека нема потреба така да реагира и секогаш да го спречува детето да биде физички активно.
Затоа, Ве молам да ми помогнете да направите истражување за срцето, да откриете што е тоа шум, и дали таа може да го промени нејзиниот став?
               
ЗАДАЧИ

  1. За да можете да истражувате за шумот на срцето, морате најпрво да ја дознаете градбата  на срцето  и неговата функција, затоа за почеток побарајте ги тие информации;
  2. Определете на кој начин се создава крвниот притисок и пулсот, кои ви се веќе познати поими, но за тоа морате претходно да побарате информации за артериите, вените и капиларите?
  3. Дури сега треба да откриете што претставува шумот на срце?
  4. Побарајте мислења и сугестии за прашањето дали децата што имаат шум на срце не треба да бидат физички активни?
  5. Од  добиените информации изработете Writer документ.

РЕСУРСИ




учебник по биологија за 8 одделение

ПРОЦЕС

  1. Како што ќе доаѓате до информации, така сместувајте ги во празниот Writer документ;
  2. Пребарајте ги сите понудените веб локации, кои се последователно поставени во однос на зададените задачи;
  3. Во документот што ќе го изработите вметнете и слики кои ќе бидат соодветни на пронајдените информации;
  4. Готовиот Writer документ, испечатете го  и презентирајте го пред соучениците.

ЗАКЛУЧОК

-          Преку овој WebQuest ќе стекнете знаења за градбата и функцијата на срцето и крвните садови кај човекот. Ќе имате можност да бидете хумани, со тоа што ќе дадете свој допринос во откривањето на потребната превенција за многу деца. И ќе имате можност  да ја подобрите вештината на презентирање со помош на претходно изработениот Writer документ.