Tuesday, January 29, 2008

WEB QUEST- интегрирани содржини - информатика и географија


Оддeление _6_  Предвидено време_2часа_, Содржина_ Градски и селски населби
Тема: Социо – географски карактеристики на Р.Македонија, Наставник: Славица Карбева

          Веројатноста да живеете во вашата општина, од сите општини во Р.Македонија  е  само 0,01.  Веројатноста да сте родени во вашето родно место, од сите  градски и селски населби во Р.Македонија е само 0,0005.  Ако овие веројатности се толку мали, тогаш замислете колку голема среќа (или несреќа) е тоа што сте родени токму во вашето родно место и што живеете токму во вашата општина.
     Токму на оваа тема - Разликите помеѓу градот и селото, наредната недела ќе се организира дебата на една од нашите локални телевизии. Ние како училиште, јас како наставник по Географија и вие како ученици од 6 одделение сме поканети да учествуваме на неа.
Нашата задача е јавно да ги искажеме нашите ставови за овие разлики, за предностите и негативностите.
       Еве како можеме да се подготвиме:

ЗАДАЧИ
  1. Заеднички изберете една градска и селска населба во Р.Македонија;
  2. Одредете ја местоположбата на избраната населба на географската карта на Р.Македонија;
  3. Идентификувајте го бројот на жители според картографскиот знак на неа;
  4. Одредете и некои нејзини други географски одлики (како на пример:  големината, функционалноста, изгледот, типот, демографските податоци,  можности за развој на туризмот и сл.);
  5. Сите овие сознанија вметнете ги во Impress презентација;
  6. Организирајте меѓусебна дебата, користејќи ги изработените презентации.

РЕСУРСИ
Учебник по географија за 6 одд.  (Населби во Р.Македонија)
географска карта на Р.Македонија

ПРОЦЕС

  1. Откако ќе изберете по една градска и селска населба, поделете се во четири тима и тоа: првиот Афирмативен за селото, вториот Негативен за селото, третиот Афирмативен за градот и четвртиот Негативен за градот;
  2. Сите претходно наведени задачи, работете ги само од аголот на Вашиот тим (на пр. Афирмативниот тим за селото сите сознанија до кои ќе дојде ги искажува во позитивна насока за селото);
  3. Консултирајте ги наведените ресурси кои освен пишани податоци ќе ви овозможат да најдете и слики;
  4. Изберете претставници од вашиот тим кои ќе учествуваат на дебатата;
  5. Подготвената  презентација искористете ја да го одбраните вашиот став ( кој ќе биде еден од ставовите- ПОДОБРО Е ДА СЕ ЖИВЕЕ НА СЕЛО! , НЕ Е ДОБРО ДА СЕ ЖИВЕЕ НА СЕЛО! , ПОДОБРО Е ДА СЕ ЖИВЕЕ ВО ГРАД!, НЕ Е ДОБРО ДА СЕ ЖИВЕЕ ВО ГРАД! - во зависност од тимот на кој припаѓате;
  6. Придржувајте се до правилата за водење на дебата.

ЗАКЛУЧОК

-              Преку овој WebQuest ќе се оспособите  да ги одредите основните географски одлики на населбите во Р.Македонија и разликите во функционалноста и физиономијата помеѓу градските и селските населби.  Преку дебатата која ќе се организира ќе имате можност да го развивате критичкото мислење, да го изложите и одбраните својот став и  да ги побиете другите ставови со аргументи. Имате можност и да ја подобрите вештината на презентирање со помош на претходно изработената Impress презентација. 





Оддeление _7_  Предвидено време_1 час_, Содржина_ Италија
Тема: Географски преглед на региите и државите во Европа, Наставник: Славица Карбева
           
       Ова лето еден од моите ученици беше на одмор во Охрид. Таму  запозна девојка од Италија. Продолжија да контактираат  преку интернет. Таа постојано го изненадуваше со работи кои ги дознавала за Македонија и со зборови на македонски јазик. А тој во една прилика ја прашал во кој дел од Италија се наоѓа Венецуела? Замислете!!!
         По тоа, таа заклучила дека тој воопшто не ја погледнал на картата Италија. Му се налутила  што тој не знае ништо посебно за Италија, а и не се интересира, ако не за друго барем за неа.  

Еве веќе една недела како не контактираат, а тој е скршен, не е присутен на часовите и е отсутен. Ајде да му помогнеме да направи една презентација за Италија и да ја изненади девојката со своите познавања за Италија!

Сето тоа во име на љубовта!


 ЗАДАЧИ 
  1. Пронајдете ја  местоположбата на Италија на картата;
  2. Определете ги нејзините основните државни обележја;
  3. Објаснете ги нејзините природно-географски карактеристики како што се: површината и поделбата на Северна, Полуостровска и Островска Италија;
  4. Определете  ја стопанската развиеност и  општествено-политичкото уредување во државата;
  5. Посочете пет локации кои може да се посетат во Италија ?
  6. Завршете ефективно за стилот на живот на Италијанците, за ЉУБОВТА, ХРАНАТА И ВИНОТО во Италија.
РЕСУРСИ
Карта на Европа
Учебник по географија за 7 одделение

ПРОЦЕС

  1. Пронајдените информации вметнете ги во Impress презентација;
  2. Користете ги посочените ресурси;
  3. Потрудете се освен пишаните податоци да ја збогатите презентацијата и со слики;
  4. Според поставените задачи вметнете ги податоците последователно во презентацијата;
  5. Обрнете посебно внимание на ефективната завршница поставена во шестата задача;
  6. Готовата презентација испратете ја на nastavnik@gmail.com.
ЗАКЛУЧОК

-          Преку овој WebQuest ќе стекнете знаења за местоположбата на Италија, нејзините основни државни обележја, нејзините природно-географски карактеристики, стопанската развиеност и нејзиното општествено-политичко уредување.
Ќе можете да дадете ваше сопствено мислење за најатрактивните локации кои можат да се посетат во Италија и секако да ја вложите вашата креативност во насока да се помогне на соученик.






Оддeление _5_  Предвидено време_1час_ , Содржина_ Напоредници и меридијани  
Тема: Земјата во Сончевиот систем, Наставник: Славица Карбева
         
Денес за малку ќе задоцнев за на работа. Вчера до доцна навечер прегледував писмени работи и утрово наместо да станам во 6 часот, јас едвај се освестив во 6 : 30 и незнам како стигнав до 7 часот на работа. Многу е тешко станувањето на сабајле. Во сето тоа брзање, човек да не задоцни е вистинска умешност.
А замислете имам пријател од Бугарија кој тргнува од  дома во  8h,  пристигнува на работа во 7:30h, а работи во нашата држава.
  Е ,  да ми е мене така, нема никогаш да задоцнам, ќе стигнувам пред време.

Како е  можно тоа?   

Ајде да дознаеме!
 
ЗАДАЧИ
  1. Што претставуваат меридијаните?
  2. Каде минува Гриничкиот меридијан и која е неговата улога?
  3. Пробај да откриеш како е можна претходно спомнатата ситуација преку наведените ресурси;
  4. Што претставуваат напоредниците?
  5. Каде минува екваторот?
  6. Од добиените податоци изработи флаер, преку кој ќе ги изнесеш добиените заклучоци од претходните задачи и секако решението на поставениот проблем.

РЕСУРСИ








модел на глобус
индукционен глобус
географски атлас
учебник по географија
ПРОЦЕС

  1. Посети ги понудените веб локации за да ги најдеш потребните информации;
  2. Користи ги и останатите понудени ресурси;
  3. Зголеми  ја сликата која е понудена во третиот ресурс за да имаш подобра прегледност;
  4. Флаерот кој ќе го изработиш дополни го со некоја соодветна слика;
  5. Готовиот флаер испечати го или испрати го на nastavnik@gmail.com.

ЗАКЛУЧОК

-          Преку овој Webquest ќе стекнете знаења за означувањето на меридијаните и напоредниците на Земјината топка и временските зони и  ќе знаете да ги определите на географската карта и географскиот глобус.



No comments: