ЛОКАЛНА СРЕДИНА

1.      Локалната средина и нејзиното поврзување со наставата
            Поаѓајќи од фактот дека децата најдобро учат од  својата околина, од работите кои им се познати и од луѓето со кои се опкружени тие многу лесно се идентификуваат со локалната средина. Тоа се ситуации во кои учениците имаат можност да излезат од училницата и директно да ја истражуваат својата најблиска околина. Да  спроведат истражување за водата, воздухот, сонцето или пак географските и демографските карактеристики на родното место.

           
Во ситуација кога учениците работеа Проект за загадување на реката Бабуна, која се наоѓа во непосредна близина на училиштето, целото одделение разговараше за проблемот на загадување на водата и заштита на реката. Потоа во групи истражуваа, собираа податоци од различни извори на податоци (интернет, учебници, енциклопедии) и поставија хипотези. Потоа спроведоа теренско истражување на реката. Земаа примероци од водата, на неколку различни локации на реката, ги анализираа со користење на електронски сонди и дигитрони, ги проверуваа поставените претпоставки и ги бележеа резултатите. При обработка на податоците користеа компјутери, податоците ги претставија во табели и ги анализираа разултатите за да донесат заклучоци. Секоја група го презентираше своето истражување пред одделението и се водеше дискусија како да се заштити реката. Учениците стекнаа нови знаења за карактеристиките и квалитетот на водата во реката Бабуна и за глобалните проблеми поврзани со чиста вода за пиење. Исто така, стекнаа вештини за спроведување на истражување и употреба на информациско комуникациска технологија.

Преку Проектот испитување на воздухот во село Извор, учениците добија задача да го мерат притисокот и температурата  на воздухот во времетраење од еден и пол месец. Од нив се очекуваше да формулираат став за промената на температурата и притисокот, преку изработка на мерна табла  и да ги претстават податоците за температура и притисок со дијаграм.  По формирањето на тимови, учениците се оспособија за правилно користење на апаратурата за мерење: сондата за мерење на температура, сондата за мерење на надворешен притисок и уредот за собирање на податоци. Податоците од  секојдневното мерење на температурата и притисокот на воздухот во исто време во денот ги внесуваа во табела и следеше нивна обработка. Со оваа активност учениците се оспособија за  самостојно работење со сондите за мерење и добија можност да ги применат теоретските знаења практично. Учениците научија да мерат покрај со живин термометар и со сондата за мерење на температура, да ја читаат температурата и да ја изразуваат во соодветната единица. Учениците се запознаа со барометарот како направа за мерење на надворешен атмосферски притисок и научија да мерат со него, да го читаат притисокот и да го изразуваат во содветната единица мерка. Добиените податоци ги споредуваа преку нивно графичко претставување со определување на максималните и минималните вредности за притисокот и температурата и нивната меѓусебна зависност.
Преку Истражувањето на можноста за користење на сончевата енергија учениците добија задача да изработат интерактивна мапа на осветлувањето во училиштето, да направат споредба на потрошувака на обични и штедливи сијалици,  да определат број на сончеви часови во годината и да конструираат едноставен модел на сончев колектор. Со користење на сонда за светлина тие можеа да одредат најдобра локација за поставување на колекторот, а со креирање на програма за определување на интензитет на светлина контрола на палење и гасење на сијалиците. Преку оваа активност кај учениците  се зголеми свесноста за штедење на електрична енергија преку користење на енергијата од  сонцето.

Со користење на камерата и фотоапаратот учениците имаа можност да бидат истражувачи на географските и демографските карактеристики на родното место, како местоположба, потекло на името, број на население, образование,  занимање, специфични занаети, градба на куќите, изградба на верски објекти, клима и услови за живот. Учениците работеа во групи за неколку населени места од каде што доаѓаат. Собраните податоци, направените фотографии, интервјуа и снимениот материјал  го искористија за изработка на печатен материјал – брошура поблиску до природата и традицијата, презентации и кратки видео записи. Учениците се стекнаа со вештини за теренско демографско истражување и уредување на материјал за печатење и за видео обработка. 

No comments: