Tuesday, October 21, 2008

WEB QUEST- интегрирани содржини - информатика и математика

Оддeление _6 Предвидено време_1 час_, Содржина_ Аритметичка средина и Ранг на податоци, Тема: Работа со податоци, Предмет: Математика, Наставник: Славица Карбева

            Нашата македонската кошаркарска репрезентација обезбеди место на завршницата на ЕП во Полска 2009 година како победник во својата група и овој успех на македонските кошаркари може со право да влезе во современата историја на македонскиот спорт.

 Имено, за првпат во историјата на самостојна Македонија (на репрезентативен кошаркарски план се натпреваруваме од 1993 година), нашата репрезентација завршува на 1 место во групата на крајот на едни елитни европски квалификации. Покрај тоа, нашите кошаркари, се првата машка сениорска репрезентација, во кој било спорт, која по вторпат ќе настапи на едно ЕП.

Македонија е победник во групата B, но колкави се нашите шанси со победниците од другите групи?
Дали можат нашите Стефанов, Илиевски, Гечевски да им се спротивстават?

Дознајте и како може да добиете оригинален дрес на кошаркарската репрезентација на Македонија.
ЗАДАЧИ

  1. Пресметајте ја  просечната вредност на висината на играчите од  победничките екипи од сите четири групи поодделно, на тој начин што ќе ги соберете висините на сите играчи од екипата и ќе ги поделите со вкупниот број на играчи чии висини се земени. Добиената вредност означете ја со аритметичка средина;
  2. Пресметајте го просечниот број на погодоци (аритметичката средина) во квалификационите натпревари за секоја од победничките екипи во својата група;
  3. Пресметајте ја  разликата помеѓу највисокиот и најнискиот играч во секоја од победничките репрезентации и означете ја со ранг;
  4. Претставете ги добиените резултати графички со столбест дијаграм;
  5. Врз основа на извршените пресметки и нивна споредба искажете ги вашите ставови за шансите на нашата екипа.
РЕСУРСИ






ПРОЦЕС


  1. Дознајте од дадените табели со резултати, освен Македонија, која е победник во групата B , кои се победниците од групите A,C и  D?
  2. Пресметките направете ги во Calc со помош на функциите Просек, Mинимум и Максимум, кои може да се извадат од менито Инсерт од Листата на функции.
  3. При пресметките на аритметичката средина, земете ги во предвид играчите означени со броевите од 4 до 15.
  4. Просечниот број на погодоци лоцирајте го од добиените резултати од шесте одиграни натпревари во групата во делот -Team Schedule;
  5. Откако ќе ги направите потребните пресметки,  графички претставете ги на компјутерот на наставникот, споредете ги  и прокоментирајте ги;
  6. Како резултат на успешно завршената работа од наставникот ќе добиете линк, преку кој  ќе се информирате за можноста да добиете оригинален дрес на кошаркарската репрезентација на Македонија.
ЗАКЛУЧОК

-          Преку овој WebQuest ќе се оспособите да идентификувате податоци од табела, да одредувате аритметичка средина и ранг на податоци и истите да ги претставувате графички преку столбест дијаграм. Притоа ќе можете да ги искористите можностите на Calc за да ја дадете прогнозата за нашата екипа.


Оддeление _5_  Предвидено време__1 час_ Содржина_ Прости и сложени броеви
Тема: Природни броеви, Предмет: Математика, Наставник: Славица Карбева
           
  Пред извесно време еден ученик на часот по математика ме праша кои биле тие ПРОСТИ БРОЕВИ,  што ги сретнал во некоја задача. Меѓутоа пред да успеам да му одговорам, друг ученик му се изнасмеа со зборовите: Де бре, простите броеви да не ги знаеш?

Кога го прашав -  А кој се простите  броеви?

Ми одговори како од пушка: па се знае 1,2,3,4 5,6,7,8 и 9.
Ајде да откриеме дали тој бил во право и дали со право му се изнасмеал на својот соученик или пак сите ние треба да му се изнасмееме нему?

ЗАДАЧИ
  1. Во празен работен лист во Calc внесете ги природните броеви од 1 до 100, по десет во ред;
  2. Обојте ги со жолто сите полиња во кои се наоѓаат броевите што се деливи со 2 (започнувајќи од 4) и обојте ги со портокалово сите полиња во кои се наоѓаат броевите што се деливи со 3 (започнувајќи од 6);
  3. Продолжете со боење на следниот начин: со црвено сите полиња во кои се наоѓаат броевите што се деливи со 5 (започнувајќи од 10); со сино сите полиња во кои се наоѓаат броевите што се деливи со 7 (започнувајќи од 14); и со зелено сите полиња во кои се наоѓаат бровите што се деливи со 11 (започнувајќи од 22);
  4. Броевите кои ќе ви останат необоени препишете ги настрана и означете ги како прости броеви, а сите броевите во обоените полиња ќе ги нарекуваме сложени броеви. Која е разликата помеѓу простите и сложените броеви?
  5. Избери еден од сложените броеви и запиши го како производ само од прости броеви;
  6. Истата постапка запиши ја во тетратката т.ш. десно од бројот ќе поставиш вертикална црта и делителите ќе ги запишуваш десно од цртата, а количникот што се добива лево од неа
( види во учебникот) се додека не дојдеш до 1.
  1. И конечно, утврдете дали нашиот ученик бил во право?

РЕСУРСИ



учебник по математика за 5 одделение
ПРОЦЕС

  1. Броевите внесете ги редоследно;
  2. Можете да ја искористете ја можноста на Calc автоматски да внесува податоци со влечење;
  3. За одредување на броевите кои се деливи со некој број, можете да се користите со нивно последователно броење и означување;
  4. Изведете заклучок дали вашите резултати се совпаѓаат со искажувањето на ученикот и истиот пратете го заедно со работниот лист на nastavnik@gmail.com

ЗАКЛУЧОК
-          По завршените задачи ќе умеете да ги разликувате простите од сложените броеви и ќе ја научите постапка за одредување на простите броеви и разложување на природен број на прости множители. Ќе го користите програмот Calc за полесно да ги воочите вашите заклучоци и да одговорите на поставеното прашање.


Tuesday, October 14, 2008

WEB QUEST- интегрирани содржини - информатика и физика


Оддeление _8_  Предвидено време_1 час_, Содржина_ Нуклеарна енергија, Нуклеарна централа Тема: Атомска физика, Наставник: Славица Карбева
         
На вестите постојано се зборува за изградбата на Нуклеарните централи во Белане- Бугарија и Албанија. Тие како први соседи ни нудат можност да ја снабдуваат нашава држава со енергија.  И тоа нуклеарна енергија, која во оваа енергетска криза е многу потребна.
           Но разбрав дека и ние во Македонија имаме шанси  да понудиме нешто многу вредно за добивање на нуклеарна енергија – неутиното од Алшар.
 Истражував и открив дека Алшар е рудник кој се наоѓа во Mариовско на планината Кожув, рудник којшто е единственото место на планетава каде што е пронајден минералот лорандит, минерал со својство да го задржува неутриното, честица којашто ништо друго во оној за нас познат универзум не може да ја задржи, освен лорандитот.

Ајде да откриеме заедно за каква мистерија станува збор ?

ЗАДАЧИ

  1. Објаснете на  кој начин се добива Нуклеарната енергија?
  2. На кој начин функционираат Нуклеарните централи?
  3. Откријте што се прави со нуклеарниот отпад и дали е штетен за човекот и околината?
  4. Откријте какво е значењето на неутриното од Алшар за нашата држава ?

РЕСУРСИ
Учебник по физика за 8 одд.

ПРОЦЕС


  1. Побарајте ги соодветните податоци од понудените ресурси;
  2. Изработете брошура во Writer во која ќе ги претставите добиените резултати  и  изведените заклучоци;
  3. Во брошурата како посебни рубрики ставете  ги - Нуклеарната енергија и Нуклеарните централи, Нуклеарниот отпад и Значењето на неутриното од Алшар;
  4. Добиената брошура испечатете ја во повеќе примероци и разделете ја помеѓу вас.

ЗАКЛУЧОК

-          Преку овој WebQuest ќе стекнете знаења за начинот на добивање на Нуклеарната енергија во Нуклеарните централи. Ќе ве поттикне критички да размислувате за депонирањето на нуклеарниот отпад и ќе го откриете значењето на неутриното за нашата држава.
Притоа, ќе можете да  ги искористите можностите на Writer за да ја уредите брошурата во која ќе ги сместите  сите потребни податоци и да ја испечатите истата.







Оддeление _7_  Предвидено време_1 час_, Содржина_ Температура, мерење на температурата, Тема: Внатрешна енергија,  Наставник: Славица Карбева
        
  Денес добивме писмо од Хидрометеоролошкиот завод, во кое тие ни соопштија дека сакаат во нашето училиште да постават станица за мерење на температурата. Всушност прават избор во кое од училиштата од овој регион да го направат тоа. 
Тие сакаат да ја постават во училиште за да можат да Ве ангажираат Вас учениците  да се грижите за неа и за се што е поврзано со вчитувањето на измерените податоци.
За возврат тие се спремни да Ви помогнат со вашата најприоритетна потреба во училиштето која до сега не сте  можеле да ја реализирате.
За да можат да го направат изборот на училиштето, тие до нас како и до другите училишта од регионов испратија предизвик-задача, преку која ќе ги увидат вашите познавања за мерењето на температурата.
И уште ни порачаа дека веруваат дека во нашето училиште учат ученици кои се способни да одговорат на предизвикот.
Ајде да им покажеме дека биле во право!
ЗАДАЧИ
1.      За да можете да ја  мерите температурата, потребно е точно да ја одредите единицата мерка во која ја мериме ние во секојдневниот живот?
2.      Побарајте информации и за единицата мерка која е наведена во SI системот , како втора единица мерка,  во која се мери температурата,  и откријте ја релацијата помеѓу овие две единици мерки ?
3.      Објаснете ја градбата на термометарот, а потоа со негова помош измерете ја температурата на водата од чешма;
4.      Со помош на топломер измерете ја сопствената температура;
5.      Од  добиените податоци составете табела во која внесените температури од степени Целзиусови ќе ги претворите во Келвини;
6.      Најдете ја прогнозата за температурите кои ќе следат во текот на утрешниот ден? Какво време не очекува?
РЕСУРСИ







Учебник по физика за седмо одделение
Топломер
термометар
ПРОЦЕС
  1. За да ги најдете бараните податоци , проверете ги посочените извори;
  2. Сите податоци и пресметки внесете ги во Calc работен лист;
  3. Добиените вредности за температурата од извршените мерења внесете ги во работниот лист;
  4. Пронајдете го соодносот на Келвинот (К) и Целзиусовиот степен (°С) и во Calc претставете го со формула;
  5. Кога ќе завршиш со претходните задачи провери го  последниот наведен ресурс кој нуди интересни занимливости за температурните вредности;
  6. Завршениот работен лист испратете го на nastavnik@gmail.com.
ЗАКЛУЧОК
           
- Преку овој Webquest ќе можете практично да мерите температура на тела со термометар  и ќе стекнете знаења како измерената температура од степени Целзиусови да ја претворите во Келвини и обратно.  Ќе ја определите временската прогноза за еден ден, а истата локација можете да ја користите секојдневно во проверката на времето пред планираните активности.